Под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти!“ граѓаните на Кочани утре излегуваат на мирен протест пред фабриката за рециклирање на хартија „Пејпар Мил“.
Протестот е закажан за 12:05 ч. каде граѓаните ќе побараат надлежните да ѝ наложат на фабриката да не користи сончогледови пелети како гориво, туку гас метан, затоа што, како што објаснуваат, додека производството се одвивало на метан, немало проблеми во аерозагадувањето во градот.
– Големиот протест го организираме заради нерешените прашања. Загадувањето трае, од оџакот на фабриката и натаму се испушта црн чад, се чувствува силна миризба, не може да се отвори прозорец, неподносливо е. Луѓето во околината се загрижени за своето здравје, но и луѓето од цело Кочани, затоа што чадот се разнесува. Ние протестираме во Кочани веќе две недели, а утре ќе протестираме пред фабриката, велат од граѓанската Иницијатива за чист воздух.
Граѓаните што ќе протестираат повторуваат дека не се за затворање на фабриката, туку првенствено бараат промена на горивото, како и почитување на прописите од еколошката дозвола.
Од Граѓанската иницијатива за чист воздух уште еднаш ги повикаа жителите на Кочани и населените места да присуствуваат на мирниот протест пред кочанската фабрика за рециклирање на хартија.
Од „Пејпар Мил“ претходно соопштија дека од 3 март го запираат производствениот процес. Прекинот на производството ќе трае до крајот на месецот заради реконструкција на електрониката во машинскиот дел и ќе воведува современа технологија за поголема ефикасност.
И покрај протестите од компанијата „Пејпар Мил“ најавија дека се планира во наредните две години да инвестира 4,6 милиони евра за двојно зголемување на капацитетот за рециклирање хартија и модернизирање на фабриката според светски стандарди.
„До крајот на оваа година ќе се инвестираат 1,8 милиони евра за целосно финализирање на пречистителната станица за отпадни води, на местото на стариот котел на пелети ќе се инсталира најсовремен, аза подобрување на енергетската ефикасност во тек е за реинсталација на целиот паро-кондензационен систем, што за околу 15 отсто ќе го намали влијанието на котелот, соопштија од „Пејпар Мил“.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов