Крводарителска акција во ОВР- Кочани, собрани 19 крвни единици

Во просториите на Полициската станица во Кочани  денеска се  спроведе втората редовна крводарителска акција на полицијата за 2021 год. , наменета за  вработените во Одделението за внатрешни работи – Кочани (ОВР – Кочани).

На акцијата крв даруваа 19 крводарители и истата се спроведе во соработка со општинскиот Црвен крст и Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.

За текот на акцијата изјава за медиумите даде Сашка Стојанова, координатор за крводарителски акции во ОВР – Кочани.

-Во просториите на ОВР – Кочани денеска се спроведе втората од планираните три крводарителски акции за 2021 година.  Крводарителската акција се спроведува во соработка со Институтот за трансфузиона медицина – Скопје. Бројот на крводарување на денешната акција е намален, не поради слабиот одзив на колегите, туку поради процесот на вакцинација и ревакцинација и неможноста да се дарува крв. Ја користам приликата да се заблагодарам на сите колеги коишто даруваа крв и спасија нечиј живот, истакна  Сашка Стојанова, координатор за крводарителски акции во ОВР – Кочани.

Црвен крст – Кочани во соработка со Одделението за внатрешни работи Кочани, на годишно ниво, согласно календарот за крводарување спроведуваат три редовни крводарителски акции, наменети за вработените во кочанската полиција.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: