Кучиња скитници напаѓаат минувачи во Градскиот парк во Кочани

Глутница бездомни кучиња кои престојуваат во Градскиот парк во Кочани се секојдневна закана за граѓаните кои се движат во кочанскиот парк. Граѓани реагираат дека се  честа мета на напади од кучињата скитници кои периодов се почесто напаѓаат возрасни и деца, како и домашни миленици кои со сопствениците минуваат во паркот.

На социјалните мрежи осамна реакција на жител кој  посведочи на случка кога глутницата кучиња во вечерните часови во  Градскиот парк нападнале домашен миленик  во моменти кога имало голема раздвиженост на луѓе.

– На неколку метри од детското игралиште крај реката каде си играа десетици дечиња глутница кучиња -скитници брутално нападнаа и речиси растргнаа милениче на некој од присутните! Дури ни по интервенција на 5-6 возрасни мажи глутницата не се растураше. Дали треба да настрада некое детенце или возрасен пред надлежните да почнат да си ги извршуваат обврските?!, реагираа граѓани на социјалната мрежа фејсбук.

Напади на кучиња сктинции граѓанте пријавуваат и во Стришани, но и во други делови на градот.

– Во утринските часови кога одам на работа минувам низ  Стришани каде има глутница на кучиња која во неколку наврати се обиде да ме нападне, без причина. Поради тоа бев приморан да купам електронска направа која испушта звук  и од која кучињата бегаат. Сега секојдневно кога одам на работа морам со себе да ја носам електронската направа за лична заштита од кучињата, ни сподели друг жител на Кочани.

Граѓаните реагираат и на несовесни сопственици на домашни миленици кои своите кучиња ги шетаат без ремен и заштина маска и честопати предизвикуваат страв кај минувачите.

Заловувањето на кучиња скитници во Кочани во минатото го вршеше фирма избрана на тендер, но и тогаш граѓаните реагираа на неефикасност во извршување на задачите на фирмата за заловување која за услугата е платена од граѓански пари.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: