КЈП „Водовод“ – Кочани: Работиме рационално и во интерес на граѓаните, бројот на вработени во КЈП „Водовод“ е намален

Почитувани граѓани,

Наместо одговор на прес-конференции на политички партии, сакаме јавноста да ја запознаеме со работењето на КЈП „Водовод“, а истовремено да ја истакнеме потребата од проверката на точноста на одредени информации, пред тие да бидат објавени. Сите податоци со кои располага КЈП „Водовод“ се официјални, не се никаква тајна и се достапни за увид, додека неточно објавените податоци, претставуваат манипулација со јавноста.

Цената на водата за пиење за сите јавни комунални претпријатија се утврдува од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Врз основа на податоци доставени од КЈП, Регулаторната комисија ја одредува најниската и највисоката можна цена на водата за пиење. КЈП „Водовод“ Кочани до Советот на Општина Кочани испрати барање за одобрување на најниската предложена цена на водата за пиење и тоа беше усвоено од членовите на Советот без никакви забелешки.

Високата цена за водата на пиење е пред сѐ резултат на поставеноста на системот, односно значителните трошоци за електрична енергија поради потребата за препумпување на целокупното количество на вода (во цевковод во должина од 5 030 м) од најниската точка во нашата котлина (лежиштето Грдовски Орман) до локацијата на Фабриката за вода.

Бројките и фактите за работењето го покажуваат следното:

Во 2017 година се изработени 1 113 м нова водоводна мрежа, а во 2020 се изработени и пуштени во употреба 3 916 м (повеќе од трипати).

Во 2017 година се изработени само 87 м нова канализациона мрежа, а во 2020 се изработени и пуштени во употреба 2 108 м (неспоредливо повеќе).

Во 2017 година се собрани 47 259 метри кубни комунален отпад а во 2020 година 62 441 метар кубен (зголемување од околу 24 % и дополнително се третира депонијата со природни алги за спречување на запалување).

Од сопствени финансиски средства се набавени: камион за собирање смет со капацитет од 22 метри кубни; ровокопач; метларка; а за да се обезбеди потребна сигурност во снабдувањето со вода за пиење, дополнително се вложени финансиски средства за изработка на нов бунар со капацитет од 30 л/сек; набавени се две нови експлоатациски пумпи за бунарите во Грдовски Орман, извршен е сервис на четири транспортни пумпи.

Со средства од донација се набавени седум нови возила: канал џет, багер, трактор, камион кипер со кранска рака и три камиони за собирање смет со капацитет од 4 м3, 10 м3 и од 16 м3.

Застареноста на водоснабдителната мрежа, која исто така придонесува за загуби на водата за пиење во водоснабдителниот систем и зголемени трошоци во работењето, ја надминуваме со замена на дел од Главниот дистрибутивен цевковод во должина од 2.250 метри, за што со одлука на Владата се обезбедени 52 милиони денари.

Што се однесува до вработувањата, бројот на вработени е намален што се гледа од споредбата: во декември 2017 година КЈП „Водовод“ имало 234 редовно вработени, а во декември 2020 година – 225 редовно вработени при што има уште едно комплетно ново одделение – Пречистителна станица за отпадни води во Мојанци.

Нормален процес со кој секое претпријатие се соочува е одреден број вработени кои ги достигнуваат условите за пензионирање да го искористуваат своето право, а извршувањето на нивните работни задачи мора да бидат покриени со ангажирање на нововработени.  При ова може да се избере и начинот да се „прикрива“ реалниот број на вработени со ангажирање на времено вработени за овие позиции (некои позиции и по неколку години се пополнуваат со времено вработени). Но што се добива со ова? Нашето претпријатие само би трошело дополнителни финансиски средства за услугите на Агенцијата за времени вработувања, а финансиските средства за месечен личен доход на вработените би биле исти и да се постојано и времено ангажирани. КЈП „Водовод“ мора да преземе стратегија со која сите работни места кои се неопходни и чии дефинирани работни задачи мора да се извршуваат во текот на целата година, да бидат пополнети со постојано вработени  вработени. Ова е многу важно и од аспект на законската одговорност која редовно вработените ја имаат, споредено со одговорноста за извршување на работните задачи на времено вработени.

И накрај обврска на КЈП „Водовод“ е да обезбеди непречено давање на законски предвидените услуги на своите корисници, со што подобар квалитет. Секако и начинот на работење мора да се унапредува, модернизира и прилагодува на новите времиња за што е потребен и соодветен кадар чии вештини и способности одговараат на потребите. КЈП „Водовод“ развива стратегија во која непостоењето на кадар со потребни вештини и работни способности не може и не смее да биде изговор за понеквалитетни услуги, и за жал предизвиците со кои се соочува во реалноста е недоволно квалитетен кадар како резултат на погрешни политики на вработување и секако повеќегодишно влијание на надворешни фактори. Ова мора да биде надминато преку вработување на личности чии вештини и потенцијал ќе одговара и ќе биде искористен во иднина за многу поквалитетни услуги и посебно подобрен однос кон нашите корисници што е неспоредливо од поголема важност отколку минорното влијание на целокупната цена на водата за пиење. Реални и потребни вработувања на вистински личности ќе биде стратегија, која во соработка со швајцарските консултанти мора да биде остварена и која ќе биде од интерес на сите граѓани. Нејзината реализација ќе биде на секојдневна проверка преку задоволството на нашите корисници, за што во таков случај можеме да преземеме одговорност.

КЈП „Водовод“ Кочани

Сподели: