КЈП „Водовод“ овозможува плаќање на заостанатите сметки без камата

Правните и физичките лица кои се корисници на услугите на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани во текот на декември ќе можат да ги платат заостанати сметки без пресметана камата за задоцнето плаќање.

Одлуката за ослободување од плаќањето камата што ја донесе Управниот одбор на претпријатието не важи за органите на државната и локалната власт, како и за другите државни органи основани согласно Уставот или со закон. Исто така, во ослободувањето не се вклучени Општина Кочани и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон, а се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија чиј основач е државата.

– На нашите корисници на услугите им овозможуваме без камата да ги платат заостанатите долгови, без разлика дали за нив добиле тужба или не. Можноста да го сторат тоа е со ограничено времетраење, односно до 25 декември годинава. На тој начин сакаме да им го олесниме подмирувањето на сметките, со оглед што ќе им се намали вкупната финансиска обврска. Од друга страна, оваа одлука е и во интерес на претпријатието, односно пред крајот на деловната година да се подобри процентот на наплата на побарувањата за комунални услуги – соопшти Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Според евиденцијата на службите во „Водовод“, поголем број од корисниците кои имаат заостанати сметки се домаќинствата, во споредба со бројот на правни лица кои се регистрирани како должници.

Актуелните законски одредби предвидуваат физичките лица со неплатени сметки за комунални услуги да добиваат тужба секоја година, а правните на секои три години.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial