Во кругот на управната зграда на КЈП „Водовод“ денес официјално беше отворена канцеларијата на Центарот за односи со корисници на комуналното претпријатие.
Преку канцеларијата граѓаните ќе може да се информираат за комуналните услуги, извршување на административните работи и контакт со службите на претпријатието, секој работен ден во периодот од 07 ч. до 15 ч.
-Центарот за односи со корисниците им нуди на граѓаните на едноставен начин да склучат договори за комунални услуги, одложено плаќање како и да поднесат поплаки, жалби или барања. Преку канцеларијата овозможуваме едноставно извршување на сите административни работи кои им се потребни на корисниците, со цел добивање на информации и решавање на нивните проблеми, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
Отворањето на Центарот за односи со корисниците е дел од институционалниот развој на „Водовод“, во рамки на проектот „Третман на отпади води во Кочани“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарската конфедерација, Локалната самоуправа на Кочани и КЈП „Водовод“.
-Со воспоставување на Центарот за односи со корисниците, „Водовод“ ја презеде обврската за понатамошно подобрување на услугите кон корисниците. Нови и подобрени услуги ќе бидат понудени на корисниците , а со тоа „Водовод“ обезбедува квалитетни и достапни услуги на граѓаните кои ќе бидат одржливи и корисни, рече Клиф Хамер, претставник на швајцарскиот Државен секретаријат за економски прашања (SECO).
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, од име на граѓаните на општината упати благодарност за швајцарската поддршка во унапредување на услугите и односите на заедницата, како и за подобрување на работењето на „Водовод“.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов