Механизација на Комуналното претпријатие „Водовод“ утрово ја расчисти дивата депонијата кај местото „Антена“ во Трајаново Трло, откако ден претходно инспекциски служби со поддршка на полицијата ги опоменија и изрекоа прекршоци на дел од жителите на населбата кои палеа кабли гуми и депонираа отпад.
Опомените и глобите изречени кон жителите очигледно не вродија со плод, бидејки веднаш по денешното расчистување на дивата депонија, вработените во КЈП „Водовод“ на заминување од депонијата затекле лице кое носи отпад кон штотуку исчистениот простор со цел да го исфрли како и деновите претходно. По реакција на вработените од „Водовод“ и укажувањето кон несовесната жителка, барем пред нив го вратила отпадот назад во својата куќа и не го депонирала на исчистениот простор.
Службите од КЈП „Водовод“ информираа дека на местото нема можност да се постави контејнер, но со месното население е договорено отпадот да го чуваат во домовите, а механизација на комуналното претпријатие еднаш неделно ќе го собира сметот од домашна адреса, за да не се создава нова депонија на местото.
Од локалната самоуправа на Општина Кочани вчера информираа дека воспоставена е и дежурна екипа со инспекциски служби коишто ќе бидат на терен и по работното време, се со цел да се спречат и санкционираат сите кои ја загадуваат животната средина во општината. Исто така, граѓаните може да пријават проблем со загадувањето на околината и преку електронскиот систем „Пријави проблем“ на веб-страницата на Општина Кочани, со клик ОВДЕ или на телефонските броеви 076/397-053 и 072/275-694.
И. Матеничарски