Левица од Кочани – Градот мора да се врати на граѓаните, а Советот да биде чувар на јавниот интерес

Политичката партија  Левица денеска во Кочани организираше средба со членството и граѓаните кадешто беше презентиран дел од програмата за претстојните локални избори како и кандидатите за градоначалник и кандидатите за советници.

Во Паркот на револуцијата, изјава за медиумите даде кандидатката за градоначалник на Кочани, Жаклина Филипова Свеќаровска и носителот на советничката листа на Левица, Ванчо Мишовски.

-Сведочиме дека сме затрупани со ѓубре, окпружени со кучиња скитници, сардисани од криминали, згради без зеленило, заглавени во сообраќаен хаос и морам да кажам дека за сето тоа има решение. Со чесна работа решение на сето тоа ќе се најде. Но она што е клучно на овие избори е да се покаже на оние што до коска го глодаат општеството, да сфатат дека не улиците, не зградите, туку луѓето сме градот и дека градот мора да се врати на граѓаните, мора да си го вратиме достоинството, мора да се врати човечноста. Оттука морам да кажам дека ќе го вложам и последниот атом енергија за да го обезбедам сето тоа, со едно чесно работење мора да се побара одговорност и ветувам дека и одговорност и правда ќе има за сите безаконии коишто се направени наназад низ децениите. Ја  барам поддршката на кочанчани, мора масовно да излезат на изборите заради тоа што не постои друг начин да се деинсталираат ротирачките партии коишто клентелистички и криминално ја држат власта веќе три децении. Заложници сме на нивното дивеење и затоа да излеземе заедно да си го вратиме градот назад кај граѓаните, да биде на прво место човекот, а не профитот. Барам поддршка на 19 октомври масовно да излеземе на избори и да го заокружиме бројот шест бидејки народот е ред да проговори, рече Жаклина Филипова Свеќаровска, кандидатка за градоначалник на Кочани.

Носителот на советничката листа на Левица во Кочани, Ванчо Мишовски рече дека нивната цел е воспоставување на функционален Совет што ќе биде глас и чувар на јавниот интерес во градот.

-Со голема чест и одговорнот ја прифатив одлуката да бидам носител на советничката листа на партијата Левица за претстојните избори. Ние имаме јасна цел, воспоставување на Совет што ќе биде вистински глас и чувар на јавниот интерес на општината. Кочани има потенцијал да биде модерен и организиран град. Но тоа бара чесно работење, одговорност и отчетност спрема народот, а не спрема своите матрици како што се партиите и се залагаме за ефективни и рационало трошење на секој денар од општинскиот Буџет. Време е во Кочани да дојдат луѓе кои ќе се борат своите дела да ги преточат во реализација. После трагедијата што се случи во Кочани, единствено е потребно обединување на целиот народ во Кочани затоа што само така можеме да воздигнеме градот од трагедијата. Во Кочани, како иден член на Советот ќе се заложам за приоритетна комисија што ќе ги таргетира локалните проблеми и ќе даде поддршка за настраданите во трагедијата и ќе даде поддршка за родителите на починатите деца, за барање на правдата. Кочани е заробено триесет години и ние треба да му овоможиме да го отргнеме од сите наративи што политичките партии ги имаат вкоренето во  самата општина, институции и само со нашата заложба ќе  можеме да дојдеме до тоа ниво. Се кандидирам за советник затоа што мислам дека имам потенцијал и ќе продолжам за секоја неправда да спротиставувам, а секое добро да го поздравувам, соопшти Мишовски.

На средбата со граѓаните, поддршка на кандидатите за градоначалник и членови на Советот даде и првиот човек на Левица, Димитар Апасиев и пратеникот во македонското Собрание, Борислав Крмов.

И. Матеничарски

Сподели: