Докторот по спортска медицина и маратонски пливач Бошко Илиев од Кавадрци, денеска напладне го реализираше својот 103 маратон во пливање на езерото Гратче, на пливачкиот маратон во рамки на чествувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани.
Илиев својот подвиг го започна од Стариот мотел и за час и половина трипати го обиколи езерото пливајки, исплива повеќе од 4 километри на кружната патека, а маратонот го заврши кај Новиот мотел.
-Повеќе од 20 години се занимавам со маратонско пливање. Во мојата кариера имам испливано вкупно 103 маратони, од кои 76 се на меѓународно ниво, додека останатите се на наши простори. Мојата цел е да ги препливам сите природни и вештачки акумулации во Македонија. Досега имам испливано 14 езера во Македонија, Водоча, Турија, Мантово, Беровското езеро, Калиманци, Тиквешко и Велешко езеро, Стережево, Охридско и Дојрасно езеро. Езерото Гратче е 15 езеро кое го препливав. Мојата идеја е да ги препливам сите природни и вештачки акумулации во Македонија и со тоа да го промовирам пливањето како еден од најздравите спортови и да ги промовираме нашите природни убавини, езерата кои се огромна можност за развојна спротови на вода, пливање, кајакарство, а со тоа го развиваме и туризмот, истакна маратонецот Илиев.
Илиев упати апел до младите да го практикуваат пливањето како еден од најздравите спортови и посака седмосептемврискиот маратон што годинава се одржува за прв пат да прерасне во традиција во Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов