Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија ,Христијан Мицковски денеска во Градскиот парк во Кочани се сретна со граѓаните на трибината организирана во рамки на кампањата „Разговори за обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“.
Во своето обраќањето тој се осврна на актуелни теми од политиката. Потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е против било какво помилување на политичарите кои се огрешиле пред законот, а не заборави да ги спомене и проблемите со кои се соочуваат оризопроизводителите во Кочани.
„Пред некој месец тука, во септември, го отворавме штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, разговаравме со оризопроизводителите и буквално најголемиот дел од нив ми рекоа планираме до година и да не ги ожнееме нивите, да не ги посееме, затоа што не само не се исплати туку и потешко никогаш не било. Уште една голема невистина само за да може да се зграбат до привилегиите во Владата, само за да може да се амнестираат од злоделата кои што ги правеа во минатото“, рече Мицкоски.
Во обраќањето пред граѓаните на Кочани, Мицковски нагласи дека актуелната власт не само што не испорачала подобрување на економската состојба и животниот стандард на граѓаните, туку податоците покажувале стагнација и назадување, а во државата не било никогаш полошо поради што граѓаните масовно се иселуваат.