Ликовен перформанс со цртање на плочник пред Центарот за култура „Бели мугри“ изведоа учениците од Училиштето за цртање и сликање при националната установа по повод 8. Март, Меѓународниот ден на жената.

Учениците и дечињата кои имаа желба да се вклучат во ликовниот перформанс цртаа на гранитниот плочник во Паркот на револуцијата на тема цвеќе, на настанот под наслов „Подари цртеж во замена за цвеќе“.

-По повод празникот 8. Март, Денот на жената денес организираме ликовен перформанс во Паркот на револуцијата, пред НУЦК „Бели мугри“. Минатата година имавме изложба на истата локација, годинава направивме промена, односно ја збогативме идејата, „Подари цртеж во замена за цвеќе“ како што е насловен настанот, во чест на празникот и со збогатување на еден ликовен перорманс којшто моментално се случува, сите ученици од Школата за цртање и сликање, овојпат ги вклучивме и сите дечиња кои се најдоа на лице место да творат на тема цвеќе на плочникот во Паркот на револуцијата. Изложбата која ќе постане од настанот на некој начин ќе го разубави и урбаниот простор, односно ќе сликаат учениците на плочникот којшто е во Паркот на револуцијата и пред ЦК „Бели мугри“, при што му даваме значење на денот со настанот и се надевам дека вакви настани ќе има и од другите дејности, истакна м-р. Александра Димитрова, раководител на Школата за цртање и сликање при „Бели Мугри“.

Уметничкиот настан „Подари цртеж во замена за цвеќе“ е традиционална активност на Школата за цртање и сликање што се реализира години наназад по повод празникот на жената, 8. Март.
И. Матеничарски

