Ликовни уметници од Македонија творат на отворено во рамки на ликовниот перформанс „Арт Варијации – Стари Поток 2021“

Во Градскиот парк во Кочани, на повеќечасовен ликовен перформанс, „Арт Варијации Стари Поток  2021“, уметници од Македонија на отворено творат мотиви на платно во рамки на годинашново издание на ликовниот перформанс.

-На годинешниот перформанс учествуаат 11 уметници од Македонија, од Скопје, Куманово, Виница, Зрновци и Кочани. Ликовните уметници творат на слободна тема, секој според инспирациите коишто ги добил. Голем број од сликите се со кочански мотиви што како организатори посебно нѐ радува, истакна Љупка Стојменова, претседател на здружението „Стари Поток“ Кочани.

Ликовниот перформанс „Арт Варијации Стари Поток  2021“  е дел од Летната културна програма 2021 – Кочани.

-Идејата за моето дело на ликовниот перформанс е портрет со поезија на нашата колешка која минатата година учествуваше со свое дело. Бидејки оваа година не учествува, сметам дека со ова дело ќе придонесам таа повторно да биде со нас. Изработувам импресионистички портрет со дел од текст, комбинација на повеќе техники, со велатури, импресионизам, надреализам со цел да доловам  малку повеќе за животот на една жена, нејзините постигнувања и јас како жена, истакна Слаџана Гаврилова, уметник и учесник на ликовниот перформанс.

Делата од ликовниот перформанс „Арт Варијации Стари Поток  2021“  ќе бидат изложени во рамки на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз што ќе се одржи наесен.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: