Литературно читање на отворено во Паркот на револуцијата во Кочани

На отворено во Паркот на револуцијата во Кочани, членови на Литературниот клуб „Копнеж“ го реализираа најавеното поетско читање и прочитаа дел од своите авторски творби.

Идејата на поетското читање на отворено е поезијата да се доближи до пошироката пубика,  непосредно на јавен простор како културен настан што ЛК „Копнеж“ за прв пат го реализира од ваков тип во Кочани.

– Целта на литературното читање на отворено е да се појавиме пред нашите сограѓани и да ги поттикнеме љубителите на пишаниот збор да се приклучат кон литературниот клуб и своите творби да ги презентираат на јавноста. Со пишувањето тие внесуваат дел од својата душа преку своите желби, копнежи, емоции и фантазирање. Литературната творба ако не ја доживее светлоста на денот не е творба, таа е вистината само кога ќе го доживее аплаузот од публиката, истакна Раче Мицов, претседател на ЛК „Копнеж“.

Од ЛК  „Копнеж“ истакнаа дека ги радува фактот што кон клубот се приклучуваат и млади лица, ученици,  кои своите афинитети во пишаниот збор ги надоградуваат во литературниот клуб.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: