Локализиран пожарот кај Пресечена скала, гори на ридот над Бавчалук

По неколкучасовна борба со пламените јазици припадници на Територијалната противпожарна единица и други служби потпомогнати од хеликоптер на Армијата на Р. Македонија и месното население успеаа да го локализираат пожарот кај месноста Пресечена скала, кај Фабриката за вода.

Спречено е проширување на огнот, кој се закануваше да го зафати објектот на Фабриката за вода и околните куќи.  Во моментот со цел да не дојде до повторно разгорување на огнот екипи ќе дежураат во текот на вечерта.

Проблем претставува пожарот кој моментално е активен на ридот над месноста Бавчалук кој поради непристапниот терен за луѓе и возила се уште не е изгаснат.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во изјава за медиумите рече дека пожарот кај Бавчалук е ставен под контрола. Како што истакна Ангелов, гаснењето на пожар на отворен простор ноќно време и на непристапен терен претставува голем ризик. Дополнителен проблем е ветарот и паѓањето на ноќта поради што хеликоптерот е повлечен. Рано наутро повторно, доколку има потреба ќе дејствува хеликоптер на АРМ, а во текот на ноќта дежурни екипи ќе го контролираат ширењето на огнот. Видео изјава со клик ОВДЕ.

На патниот правец кон браната Гратче во моментот дежураат екипи од ТППЕ -Кочани со цел да не дојде до проширување на пожарот. Според информациите нема опасност огнот да зафати дел од околните куќи бидејки се држи под контрола.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: