Локализиран пожарот кај Фабриката за вода

Територијалната противпожарна единица – Кочани (ТППЕ-Кочани) го локализираше пожарот што доцна попладнево избувна кај Фабриката за вода во Кочани.

Огнот првично зафати дел од боровата шума и сува трева околу Фабриката за вода, а поради силниот ветар се закануваше да се прошири и кон околните куќи во Ромското маало.

Брзата интервенција на кочанската противпожарна служба спречи огнот да зафати и други површини. Кочанските пожарникари интервенираа во специфични услови поради отежнатиот пристап до теренот и со сите расположливи ресурси. Поради опасност од повторно разгорување на огнот, екипи од ТППЕ Кочани се уште се на терен и дежураат.

Според првичните сознанија, најверојатно причина за пожарот е запалена дива депонија во непосреда близина на Фабриката за вода.

Од ТППЕ – Кочани информираат дека паралелно со пожарот кај Фабриката за вода интервенирано е и на пожар на отворен простор во село Бања во Општина Чешиново-Облешево каде постоела опасност да се прошири кон блиските куќи. Поради ова, помош на кочанските пожарникари пристигнала и од пожарната од Виница со две возила и пет пожарникари. Пожарот е целосно изгаснат и ликвидиран, додадоа од ТППЕ – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели:
  •  
  •  
  •