Локализиран пожарот над Кочани, пожарот кај Тркање сѐ уште активен

Локализиран е пожарот над Кочани кај месноста „Пресечена скала“ што попладнево избувна и зафати поголема површина на борова и ниско стеблеста шума.

Екипи на Територијалната противпожарна единица потпомогнати со колеги од соседните општини по неколку часовна борба со огнената стихија го локализираа пожарот.

Во моментот три противпожарни возила се распоредени долж патниот правец кон браната Гратче и дежураат со цел да не дојде до повторно разгорување и префрлување на огнот од месноста „Пресечена скала“ кон околните викенд куќи и пчеларници кај браната Гратче.

Останува активен пожарот кај селото Тркање кој е со тенденција поради силниот ветар да се прошири кон селото Бели.

Во моментот во координирана акција на повеќе служби се прават напори за негово локализирање и целосно ликвидирање.

Штетите по шумскиот фонд и материјалните добра ќе се утврдуваат по целосно локализирање на пожарите.

Според првичните информации, се смета дека огнот бил подметнат, зафатил голема површина од нискостеблеста и борова вегетација што наведува дека причината за пожарот е човечки фактор.

И. Матеничарски

Сподели:
  •  
  •  
  •