Репрезентација на Македонија во борење деновиве е на припреми во Кочани во пресрет на Европското првенство во борење за сениори во слободен стил што ќе се одржи од 28 март до 3 април во Будимпешта, Р. Унгарија.
На првенството ќе настапат шест борачи од Македонија во различни натпреварувачки категории. Во салата на БК „Спартак“ репрезентативците тренираат по двапати дневно, пред се кондициони тренинзи и увежбување на боречки техники.
– Припремите на борачите се одвиваат според планираниот интензитет и темпо. На претстојното Европско првенство во борење за сениори, репрезентацијата ќе настапи со шест борачи во различни категории. Тоа се борачите Владимир Егоров (57.кг), Бесир Алили (61.кг), Фати Весејли (70.кг), Дејан Митров (79 кг.) и Могамедгаџи Нуров (97 кг.). Конкуренцијата на првенството е силна, но со малку среќа и добро ждребување очекуваме во државата да се вратиме со медали. Приликата ја користам да изразам благодарност до БК „Спартак“ за можноста припремите за претстојното првенство да ги спроведеме во Кочани, изјави Бобан Данов, селектор на Македонската репрезентација во борење.
Од Боречката репрезентација на Македонија информираа дека првенството во Унгарија ќе им биде прв настап на европско натпреврување за 2022 година. Во текот на годината борачите репрезентативци ќе настапат и на Светското првенство во борење во месец септември како и на годинашниве Медитерански игри во Алжир.
И. Матеничарски