Македонскиот Брас Квинтет со концерт на отворено во Кочани

Со концерт на отворено, Македонскиот Брас Квинтет се претстави пред публиката во Кочани,  во рамки на мини-караванот концерти  поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.

Со репертоар од познатите хитови на музичките групи „Битлси“ и „Квин“, кочанчани уживаа во аранжманот на музичарите од Македонскиот Брас Квинтет.

-Денеска сме во Кочани каде се претставивме пред публиката со пет аранжмани од групата „Квин“ и три од „Битлси“. По втор пат сме во Кочани, годинава имаме мини караван од пет концерти во Македонија. Почнавме денес во Кочани и Берово, а во следните денови ќе ги посетиме Куманово, Штип и Неготино. Македонски Брас Квинтет е во состав на музичари од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, рече Димче Белчовски, тромбонист во Македонската филхармонија и член на Македонскиот Брас Квинтет.

Составот на Македонскиот Брас Квинтет е реобновен и функционира од 2016 година, а во него членуваат музичарите Александар Златески и Драган Младеноски изведувачи на труба, Антонио Костевски на хорна , тромбонистот Димче Белчовски и Александар Ниниќ, изведувач на туба.

Квинтетот освен во Македонија настапува и на меѓународната сцена. Годинава за во месец септември е закажан настап во Македонскиот кулутерен центар во градот Истанбул, Р. Турција.

Концертот во Кочани се одржа во соработка со НУЦК „Бели Мугри“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: