Манифестацијата Избор на спортист на Кочани за 2020 година – нема да се одржи


Изборот на најдобрите резултати и личности од областа на спортот, што како традиционална манифестација го организира Општина Кочани, годинава ќе изостане.

Здравствената криза ги оневозможи или целосно ги прекина спортските натпревари во 2020 година, поради што кај организаторот се јави дилемата дали и на кој начин да се реализира традиционалната манифестација.

Со цел да го земе како релевантно мислењето на Комисијата што го врши изборот на најдобрите во спортот, Одделението за јавни дејности при Општина Кочани побара одговор и предлози од нејзините членови, како и од членовите на Комисијата за спорт при Советот на Општина Кочани.

Според добиените одговори, преовлада ставот дека годинава манифестацијата не треба да се одржи. Два члена на комисиите воопшто не дале одговор, а само еден предлог – манифестацијата да има ревијален карактер.

Вообичаено, на манифестацијата се избираат најуспешните во повеќе категории: млад спортист, тренер, спортски работник, најдобра спортски екипа и најдобар спортист. Комисијата што го врши изборот, составена од новинари од локалните медиуми и интернет-портали, номинира и личности кои дале посебен придонес во спортот во Кочани.

За спортист за Кочани за 2019 година беше избрана каратистиката Мартина Шахинова.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial