Матурантите од кочанската гимназија го прославија своето матурирање

Во  СОУ „Љупчо Сантов“ вечерва ѕвонеше последното училишно ѕвонче на генерацијата средношколци 2019/2023 год. со што беше означен крајот но и новиот почеток на средношколците кои изминативе четири години беа дел од кочанската гимназија.

На прославата на матурската вечер, организирано со класните раководители,  матурантите влегуваа во училишната зграда каде што  го одржаа  последниот класен час. Пред заминување на прослава, матурантите продефилираа во дворот на училиштето со своите класни раководители по што се упатија на организираната прослава.

– СОУ „Љупчо Сантов“ секогаш има успешни генерации на матуранти што се покажа и овој пат. Четиригодишниот период го поминаа со многу успеси, генерација која ја преброди и Корона кризата и многу други предизвици. Се надевам дека оваа генерација ќе биде успешна генерација на студенти, академски граѓани и пред се  одговорни граѓани на нашата општина. Вкупно 140 матуранти распоредени во осум паралелки, во економска трговска и правна струка и гимназиско образование, истакна Љубомир Гацов, в.д директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Најголем дел од матурантите изразија задоволство што средношколските денови ги поминаа во кочанската гимназија, а пофални зборови за генерацијата 2019 / 2023 год. не штедеа  ни професорите од СОУ „Љупчо Сантов“.

Од менаџерскиот тим на кочанската гимназија упатија честитка до сите матуранти со желби за многу успех во понатамошното образование.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: