Матурантите од СОУ „Љупчо Сантов“ ја бојкотираат наставата

Средношколците матуранти од  СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани од понеделникот ја бојкотираат онлајн наставата и даваат поддршка на барањата на Средношколскиот сојуз за намалување на предметите за полагање на државна матура во тековната учебна година.

Тие во петокот на 29-ти јануари и писмено го известиле училиштето дека стапуваат во бојкот, а како што велат, преку писменото соопштение испратено до интернет-порталот „Гласно“ ,  бојкотот засега го практикуваат 99 отсто од учениците.

-Матурантите од СОУ „Љупчо Сантов“  ја бојкотираат наставата. На 29-ти јануари преку писмено известување го известивме  училиштето дека стапуваме во бојкот на наставата и го поддржуваме Средношколскиот сојуз во барањата за намалување на предметите кои треба да се полагаат за државна матура. Во исчекување сме на позитивен одговор од Министерството за образование и наука и остануваме на нашите барања. Бојкотот го практикуваат 99 отсто од учениците, а во блиска иднина ќе биде проследен и со штрајк бидејки тоа се наши легитимни права, соопштија преку писмено известување до интернет –порталот „Гласно“ претставници на матурантите од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Од СОУ „Љупчо Сантов“  го потврдија бојкотот на матурантите, но се оградија од постапките на средношколците, со став дека треба редовно да ја следат онлајн наставата.

-Најголем дел од матурантите ја бојкотираат онлајн наставата. Ние како училиште се оградуваме од бојкотот и постапуваме согласно актуелниот Закон за средно образование. Ги повикуваме учениците редовно да ја следат наставата, а своите права да ги бараат пред надлежното министерство и Државниот испитен центар. Ние го почитуваме нивниот став, но воедно известуваме дека кон отсуствата ќе биде постапувано со соодветни мерки согласно позитивните законски прописи во образованието, информираше Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

За разлика од средношколците матуранти од кочанската гимназија, учениците од техичкото училиште „Гошо Викентиев“ засега следат настава.

Тони Велков, помошен директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани информираше дека онлајн наставата се одвива тековно.  Во понеделникот и вторникот имало обиди за бојкот само од еден клас, но сега и тие следат настава. До училиштето нема пристигнато официјално писмено известување за бојкот на наставата од страна на матурантите.

Средношколците од цела Македонија преку Средношколкиот сојуз бараат државната матура да се полага по два предмета, мајчин јазик и предмет од областа на која матурантот планира да студира.

Од Министерството за образование и наука пак на барањата на матурантите одговорија дека нов концепт за полагање државна матура е можен од наредната учебна година, а оваа генерација на матуранти ќе полагаат според актуелниот концепт, односно испити по четири предмети, три  екстерни и еден интерен предмет кој се полага во училиштето заедно со проектна задача.

И. Матеничарски

Сподели: