Џудо клубот „Гладијатор“ од Кочани започнува проект за вклучување на лица со попреченост во своите тренинг програми. Поради ова, денес во Кочани се одржа Меѓународен тренинг на повеќе џудо клубови од Македонија како и клубот „Judo for all“ од Р.Бугарија.
Тренингот имаше за цел продлабочување на соработката помеѓу џудо клубовите како и започнување на проект за инклузивен џудо за лица со попреченост, кои ќе можат да се приклучат кон „Гладијатор“.
Учесници на меѓународниот тренинг беа бугарските џудисти од клубот „Judo for all“ на чело со тренерот Калин Колев, како и шест џудо клуба од Македонија, меѓу кои претствници од „Сеишин“, „Санкаку“ и „Прилеп“ од Прилеп, „Пелистер“ Битола, и џудо клубот „Рудар“ од Македонска Каменица.
Домаќин на настанот беше џудо клубот „Гладијатор“ на чело со тренерот Драган Шеќеровски, а помеѓу гостите се најдоа и Џуро Илич – Претседател на дан комисијата и Дејан Мицкоски член на истата комисија.
Џудо клубот „Гладијатор’’ од Кочани е единствен џудо клуб во Македонија кој ќе им нуди можност на лицата со попреченост да тренираат и учат џудо вештини.
И.Матеничарски