Милка Стојменова од Кочани со темата „Лебед“ ја воодушеви публиката со својата убаво украсена трпеза покажувајќи ги своите вештини во кулинарството. Собра најмногу гласови од присутните гости и жирито и се закити со титулата „Вешта жена“ на Кочани за 2022 година. Ќе го претставува градот на републичката манифестација во Тетово што ќе се одржи во мај. Стојменова трет пат учествува во Вешта жена и на својата трпеза подготви главно јадење и торта, маса која ја отсликува жената како прекрасен лебед, како што е и насловот на темата.
– Горда сум и среќна што жените ме одбраа мене да го претставувам Кочани на републичката манифестација во Тетово. Ќе се потрудам да ја оправдам титулата Вешта жена на Кочани и да подготвам најубава маса – рече Милка Стојменова, Вешта жена на Кочани за 2022
Годинава четири натпреварувачки и една за Гран при награда собраа храброст, одвоија време, вложија труд да подготват свечено украсени трпези што на крајот им се исплати. Според гласовите на жири комисијата кои го сочинуваат жени победнички на општински манифестации од повеќе градови од државата, прво место во категорија „Вкус на главно јадење“ освои Христина Ѓорѓиева со темата „Пролет“. Во категоријата „Декорација на десерт“ најголем број гласови освои Сузана Лефкова со „Посната трпеза“ , во категоријата „Општ впечаток“ најмногу гласови освои Ебру Бајрамова со темата „Џамија“ и во категорија „Декорација на главно јадење“ најмногу гласови освои победничката Милка Стојменова.
Признание и награди доби и натпреварувачката за „Гран при“ награда Анета Лазарова која за да се натпреварува за „Гран при“ награда условот е претходно да има учествувано три пати во Вешта жена. Воедно неколку години наназад таа успешно ја организира и општинската манифестација во Кочани. Сите учеснички добија диплома од „Вешта жена“ и подарок од спонзорите како и цветни аранжмани.
„Вешта жена“ годинава слави 30 години од своето постоење. По тој повод беа доделени и награди и благодарници за најуспешни жени во областа на образованието на Тања Велкова, медицината д-р Сања Тасова Арсова и бизнис секторот на Маја Захаријева – Ситновска.
Посебно признание и беше доделено на Гран при натпреварувачката Анета Лазарова за 10 годишен придонес и залагање за манифестацијата, како и на Љубица Иванова за 25 годишен придонес во Вешта жена.
За забавата во ресторанот „Амор“ се погрижија членовите на групата „Релакс . По кризата со Ковид 19 музиката и забавата им беше добредојдена на жените кои со часови играа и се забавуваа.
За присутните жени на манифестацијата имаше и богата лотарија каде што се делеа награди од спонзорите, а главната награда е патување со вештите жени на Халкидики.
Т. Велкова