1010 крвни единици се собрани во текот на 2021 година на вкупно 20 крводарителски акции што ги реализираше општинската организација на Црвен крст – Кочани.
За разлика од 2020 година кога поради екот на пандемијата со Ковид-19 имаше помал број на крводарувања, општинскиот Црвен крст минатата година бележи зголемување на бројот собрани крвни единици.
– 2021 година спред бројот на крводарувања е поуспешна од 2020 година кога поради екот на пандемијата со Ковид-19 имаше намален број на крводарувања. Во 2021 година бележиме позитивен тренд на зголемување на интересот за крводарување, а ние како Црвен крст ќе работиме на што поголема масовност и унапредување на крводарителството на локално ниво. Годинава продолжуваме со редовните акции што се организираат секој последен четврток во месецот во просториите на Црвен крст – Кочани, а дополнително, во план е спроведување на акции во локалните и образовни институции и приватниот сектор, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.
На денешната прва, редовна крводарителска акција за месец јануари, во просториите на Црвен крст – Кочани се собраа 33 крвни единици. Акцијата се спроведе во соработка со екипа од Институтот за трансузиона медицина – Штип.
Граѓаните може да даруваат крв и секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина – Кочани или секој последен четврток во месецот во просториите на Црвениот крст.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов