Министерката Царовска и градоначалникот Илијев во посета на ОУ „Крсте Мисирков“ во Оризари

Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска направија увид во завршените градежни работи за реконструкција на кровот на ОУ „Крсте Мисирков“ во населбата Оризари.

–Секогаш ми е чест кога сум во Кочани, затоа што тука има едно водство коешто оставрува резултати и директори коишто секојдневно водат грижа за секој сегмент од образовниот процес. Не само што инфраструктрно се вложува во сите училишта во општина Кочани, туку исто така и во наставниот кадар и во дидактика, во сѐ што значи подобрување на условите за учење– истакна Царовска.

Градоначалникот Илијев упати благодарност за поддршката од ресорното министерство за подобрувањето на просторните и други услови во образовните институции во општина Кочани, со што тие максимално ги исполнуваат потребите за нормално реализирање на наставниот процес.

–Целта е да покажеме во каква состојба се нашите објекти, опременоста и да ги видиме потребите од промена во следниот период. Сметам дека на овој начин може да се видат разликите во однос на она што го работиме, но и задачите што ни претстојат.Во ОУ „Крсте Мисирков“ неодамна заврши санацијата на кровот на училишната зграда. Ова е уште еден убав пример и патоказ дека кога има добра соработка меѓу централната и локалната власт, проблемите подобро и полесно се решаваат. Со оваа пракса ќе продолжиме и понатаму сѐ со цел да овозможиме нашите училишта да бидат на ниво на исполнување на задачата за која се основани, а тоа е добар образовен процес – изјави градоначалникот Илијев.

Преку проектот на Министерството за образование и наука „Реконструкција на средни и основни училишта“ беа инвестирани околу 4,5 милиони денари со кои наместо старите азбестно-цементни плочи поставен е нов кров од профилиран пластифициран челичен лим. Исто така, заменета е и оштетената носечка дрвена конструкција.

Директорката Соња Иванова соопшти дека претходно во училиштето во Оризари, со средства од Министерството за образование, беа реконструирани тоалетите на двата ката, а со сопствени средства во старата зграда се заменети прозорците, подот, таванот, осветлувањето и надворешната фасада. Во подготовка се проекти за термофасада на целата зграда и за решавање на загревањето на училишната спортска сала.Министерката Царовска истакна дека во изминатиот период се водеше голема дебата за потребата од обновување на системот за основно образование и негово реформирање.

–Со она што ќе значи нов почеток од септември, во прво и четврто одделение, согледуваме дека училиштата се подготвуваат или веќе се подготвени. Тоа значи, со обука на наставниот кадар што тече во континуитет, но и со опрема што е потребна во училниците за во овие одделенија да може да се одвива интерактивната настава. Се трудиме максимално да вложуваме во сите елементи што се потребни и чест ми е што токму овде можеме да ги видиме резултатите од тоа – додаде министерката Царовска.

Градоначалникот и министерката направија обиколка на неколку училишта во Кочани, каде беа претставени реализирани проекти.

Фото: A. Арсов

Видео изјава можете да погледнете со клик ОВДЕ.

Сподели: