Министерот за здравство Венко Филипче ја пушти во употреба модуларната ковид болница во Кочани

Министерот за здравство Венко Филипче заедно со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев и директорот на Општата болница со проширена дејност – Кочани, Александар Серафимов, ја пуштија во употреба модуларната монтажна болница за нега на ковид пациенти.

Монтажната болница е алтернативен ковид-центар за осум општини од источниот регион и моментално ќе има капацитет од 35 болнички легла од кои пет за интензивна нега.

-Ова е дел од 17 модуларни  болници проект којшто е разивен на територијата на цела државата. Се соочуваме со силен бран и сме свесни  што ова значи на зајакнување на капацитетот на болниците и бројот на болнички кревети.Модуларната болница ќе биде опремена со дополнителен ехо апарат, сонди и подвижен рентген апарат – истакна министерот Филипче.

Филипче додаде дека покрај модуларната болница се инвестира и во капацитетите на Општата болница во Кочани. Набавен е нов апарат за анестезија, а се очекува да се реализира и донација од Јапонската амбасада на нов  ехо апарат.

-Бројките на инфицирани лица со Ковид-19 постојано се зголемува. Потребата од ваков капацитет е повеќе од потребен. Сметам дека со ова Кочани и регионот добиваат нов сместувачки капацитет кој ќе биде на располагање на сите кои ќе имаат потреба да се лекуваат,– рече градоначалникот Илијев.

Директорот на Општата болница – Кочани  се заблагодари на министерот Филипче и градоначалникот Илијев за напорите модуларната Ковид болница да биде изградена и пуштена во употреба. Додаде дека новата модуларна болница заедно со болничките легла на другите одделенија, ќе овозможи проширување на капацитетот за прием на шеесетина ковид пациенти од регионот. Освен тоа, се очекува во одделот за интензивна нега наскоро да се инсталира опрема за централна кислородна поддршка.

Модуларната монтажна болница во Кочани е изградена согласно потребите на пациентите и медицинскиот персонал. Опремена е со нови медицински апарати, кревети и останат инвентар. Во објектот има чекална, простории за медициснкиот персонал, толаети и соби за хоспитализација. Првите пациенти се очекува да бидат примени од понеделник.

За пациентите во модуларната болница ќе се грижи медицински персонал од Општата болница – Кочани. Со оглед на фактот дека болницата во Кочани нема инфектолог, поддршка во лекувањето на пациентите ќе дава лекар – инфектолог од Клиничкиот центар – Штип.

И. Матеничарски

Видео изјава можете да погледнете со клик овде.

Сподели: