Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на увид на реконструкцијата на Мултикултурниот центар во Кочани

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев денеска направија увид во реконструкцијата на Мултикултурниот центар во Кочани, проект финансисран од Европската Унија, преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.

– Мултикултурниот центар, кој е еден од најстарите културни објекти во централното градско подрачје, комплетно се реконструира. Зградата ќе го добие поранешниот автентичен изглед, а по завршувањето на градежните работи ќе биде наменета за младински активизам и за функционирање на невладините и граѓански организации – изјави за медиумите градоначалникот Илијев.

Вкупната вредност на проектот е 562.353 евра, од кои 315.825 евра за македонската страна, додека пак 246.527 евра се наменети за бугарскиот партнер. Парите се обезбедени од страна на Европската Унија со вкупно учество од 422.715 евра, македонската страна учествува со 37 илјади евра од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој и дополнително 65 илјади евра и од Општина Кочани.

– Прекуграничната соработка е клучот за развојот на креативниот туризам помеѓу земјава и Бугарија. Преку проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ ќе имаме претставување на заедничкото традиционално и културно наследство како алатка за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство. Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој овозможи 37 илјади евра кои ќе придонесат за развојот на проектот а со тоа на жителите во Кочани, како и на останатите во земјава ќе имаат можност да бидат дел од креативните туристички понуди – изјави Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Проектот создава поволни трендови за развој на конкурентна туристичка средина врз основа на искористување на потенцијалот за развој на фестивалскиот и креативниот туризам. Крајниот рок за реализација на предвидените активности е во јули 2021 година.

Сподели: