Министерството за здравство се предомисли, продолжува вакцинацијата против Ковид -19 во Кочани

По еднодневното затворање на вакциналниот пункт во Кочани и препраќање на граѓаните за Ковид вакцина во Штип, Министерството за здравство се предомисли и ја промени одлуката.

Граѓаните од денес повторно ќе може да ја примаат вакцината против Ковид-19  на вакциналниот пункт во Кочани. Министерството за здравство вчера, во текот на попладневните часови го известило раководството на кочанската Општа болница дека вакцинацијата на населението продолжува како и досега.

Во таа насока добиени се 500 дози од вакцината на кинескиот производител „Синофарм“. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин за вакцина или ревакцина истата ќе можат да ја примаат во вакциналниот пункт на болницата.

Ваквата одлука на Министерството за здравство  е со цел да се намали дополнителниот финансиски трошок на лицата за патување до Штип, град кој според одлуката на Министерството е избран за еден од шесте регионални вакцинални центри во Македонија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: