Под мотото „Доста е“ група граѓани, членови на политичката партија Демократи во Трговскиот центар во Кочани одржаа мирен протест против одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите.

Протестот доаѓа откако Уставниот суд во месец март донесе одлука за зголемување на платите на функционерите во просек за 78 отсто повеќе.

– Демократи се бори против срамната одлука на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите во просек за 78 отсто. Во време кога владее катастрофална економска криза, народот гладува, младите заминуваат во странство, нема вработувања, секој сектор пропаѓа, тие донесуваат срамна одлука со вакви астрономски покачувања на платите на функционерите, а нема пари за пензионерите, за здравствените работници, полицијата, образованието и инфраструктура. Бараме одлуката да биде проеменета, односно повлечена, бидејки истата е срамна и понижувачка за граѓаните и е грабеж на народниот буџет, истакна Јорго Огненовски, претседател на политичката партија Демократи.

Од Демократи истакнаа дека протестите продолжуваат и во останатите градови во Македонија и преку нив сакаат да влијаат за подигање на свеста кај народот дека токму од народот започнуваат промените во демократските држави.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов
