Жители на населбата Драчевик во Кочани попладнево излегоа на мирен протест, со барање до надлежните за времено запирање на изградбата на нова социјална зграда и иселување на проблематичните станари од постоечката.
Како што велат, по вселувањето на дел од станарите во втората зграда, редот и мирот во населбата е нарушен, па стравуваат дека со изградба на трета зграда и населување на проблематични лица ситуацијата дополнително ќе се влоши.
-Иницијативниот одбор составен од дел од жителите на населбата Драечвик излеговме на протест бидејки имаме голем проблем со дел од станарите од Ламела 2 од социјалната зграда. Бараме од надлежните институции времено да ја прекинат изградбата на третата ламела од зградата бидејки дел од станарите од втората зграда ни прават огромни проблеми. Постојано нарушување на јавниот ред и мир, загадување на околината, дивеење со нерегестрирани возила и слично. Ние не сме против изградба на нова социјална зграда, но бараме времено запирање на изградбата додека не се решат постоечките проблеми. Апелираме до надлежните да најдат начин проблематичните станари од втората зграда да бидат иселени, истакна Јован Танчев, член на Иницијативниот одбор на жителите од населбата Драчевик.
Жителите се пожалија дека во населбата периодот забележани се кражби, а се уништува и зелениот појас во околината.
– Бидејки во населбата забележани се дивеења на нерегистрирани возила токму од жителите на зградата, бараме да се постави и таканаречен „легнат полицаец“ и да се изградат тротоари и во другите делови од населбата, а не само до социјалната зграда, додаде Јане Гицев, жител на Драчевик.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев присуствуваше на протестот. Рече дека имал разговори со надлежните институции, меѓу кои, Центарот за социјални работи и АД за стопанисување со станбен и деловен простор, при што, уште еднаш ја искористи приликата да апелира до надлежните да се преземат сите мерки против лицата кои го нарушуваат редот и мирот во зградата и околината.
– Запознаен сум со проблемите со кои се соочуваат жителите од населбата Драчевик, односно проблемите кои ги прават дел од жителите кои се населени во зградите. Дел од жителите не ги почитуваат законите, не се однесуваат одговорно и прават проблеми.Јас ги поддржувам жителите во барањата за санкционирање на неодговорните станари и ги повикувам надлежните институции да преземат соодветни мерки. Овде има населени лица кои не го почитуваат редот и законите и постои начин тие лица да бидат иселени и тоа да биде пример дека секој од нас е должен да ги почитува законите, рече градоначалникот Илијев.
Жителите на Драчевик меѓудругото стравуваат дека со изградаба на новата социјална зграда ќе се направи дополнителен проблем со водоснабдувањето на населбата и повикаа на изработка на студија за влијанието на изградабата на зградата врз водоснабдувањето во населбата.
Протестот на жителите на Драчевик заврши мирно, со надеж дека надлежните ќе ги слушнат нивните проблеми и соодветно ќе реагираат.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов