Мирна новогодишна ноќ во Кочани

Релативно мирна новогодишна ноќ регистрираа дежурните служби во Кочани.

Според информациите од првите луѓе на Одделението за внатрешни работи, Општа болница со проширена дејност и Територијалната противпожарна единица, новогодишната ноќ во Кочани поминала мирно, со одговорно прославување на граѓаните.

Александар Максимов, началник на  Одделението за внатрешни работи – Кочани  информираше дека новогодишната ноќ поминала мирно и без посериозни постапувања. Освен една интервенција за нарушен јавен ред и мир, полицијата од Кочани на новогодишната  ноќ немала поголеми интервенции. Безбедносната состојба е поволна, а оценката е дека граѓаните ги почитувале препораките за одговорно прославување.

Директорот на Општа болница со проширена дејност – Кочани, Александар Серафимов истакна дека за разлика од ланските години, намален е бројот на интервенции за време на новогодишната ноќ. Освен неколку изолирани случаи на алкохолизирани лица кои по укажаната помош биле пуштени на домашна нега, новогодишната ноќ на Службата за итна медицинска помош поминала мирно и тековно. На Одделението за гинекологија и акушерство во текот на ноќта немало породување, што значи дека Кочани се уште го очекува првото новороденче во 2021 година.

И кочанските пожарникари мирувале за време на новогодишната ноќ. За разлика од претходните два дена кога интервенираа на гаснење на  запалени стрништа низ Кочанското поле, командирот на ТППЕ- Кочани, Благој Паунов информираше дека новогодишната ноќ поминала без интервенции, освен на 31 декември преку дента, кога интервенирале на гаснење на опожарено возило кај селото Теранци.

Генералната оценка на сите служби е дека новогодишната ноќ поминала мирно и со одговорно прославување на граѓаните.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial