ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вечерва во Градскот парк во Кочани одржаа митинг за промоција на кандидатаката за претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.
Во својот говор професорката Силјановска Давкова порача дека во Македонија е време за четврти Илинден и за четврта македонска република.
– Она што особено ме вознемирува деновиве е свеста дека ќе славиме 80 години од АСНОМ, вториот Илинден. Гордоста како во химната сме ја заслужувале и зајакнувале со битката за правдините. Така беше со Крушевската Република, со партизаните и АСНОМ, така беше и во 1991 година. Мислам дека е време за четврт Илинден, за четврта Македонска Република. Република од народот и за народот. Република со стандарди во сите области со стручна и компетентна администрација. Македонија каде на вистински места да дојдат најдобрите и најумните, а не да заминуваат. Пристојна држава. Само така ќе не почитуваат, рече Силјановска Давкова.
Покрај Силјановска Давкова, пред кочанчани се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет Драган Ковачки.
– Овие избори се и можност народот да каже што мисли за Стево Пендаровски. Човекот е без свое јас. Вчера го слушам ја продолжува онаа традиција на играта наречена момент на вистината, каде сите пробуваат да се избават од колективниот грабеж кој и го направија на државата, па Стево вели дека ете и тој осудувал криминал кој го правеле поедници, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето обраќање на митингот во Кочани во рамките на претседателската кампања.
Мицкоски ги повика присутните, но и сите македонски граѓани на изборите на 24 април масовно да излезат на гласање и да ја дадат нивната поддршка за професорката Гордана Силјановска Давкова, затоа што таа е решението за достоинствен претседател на Македонија.
– Професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него, истакна Мицкоски.
И. Матеничарски