Мицкоски во посета на Кочани – Увид во реализација на проекти на локалната самоуправа

Високо партиско раководство на опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ на чело со претседателот Христијан Мицкоски денеска беа во посета на Кочани при што направија увид на реализираните и проектите во фаза на реализација  на локалната самоуправа на Кочани.

При посетата на Мицкоски, градоначалникот Љупчо Папазов го запозна со проектите кои се од витално значење за граѓаните на Кочани и околните населени места.

– Во моментот вршиме реконструкција на улицата „Браќа Ставреви“ при што се заменуваат рабниците и се работи на тротоарската површина, потоа следува гребење на асфалтната подлога и поставување на нова. Во делот на патната инфраструктура во следниот период е предвидена реконструкција и на улиците „Борис  Трајковски„ и „Гоце Делчев“ во износ од 500 илјади евра средства обезбедени од Светска Банка. Приликата ја користам да соопштам дека селото Тркање доби терцијална канализациска мрежа во должина од 3 км. која го поврзува со Пречистителната станица во Мојанци како и колектор со што се решава децениски проблем на жителите на Тркање. Таму ни остануваат да направиме дополнителни напори, целото село да го покриеме со канализациона мрежа и комплетно да биде решен проблемот со канализација на ова населено место., истакна при обиколката на градежните активности градоначалникот Папазов.

Од Локалната самоуправа на Кочани најавија дека во фаза на започнување на реализација е проект за реконструкцијата на Споменикот на слободата, изградба на канализациона мрежа во Оризари во вредност од 7 милиони денари, како и поставување на фотоволтаична електроцентрала на кровот на Пречистителната станица за отпадни води преку кој ќе се реши проблемот со потрошувачката на електрична енергија во кочанското комунално претпријатие. Проектот ќе се реализира со грант од страна на словенечкиот центар за меѓународна соработка во висина од околу 223 000 евра и средства од Општина Кочани.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ ја истакна пожртвуваноста на локалната самоуправа за реализација на проктите кои се од особен интерес за локалната заедница кочанската општина.

– Жалам што  имаме Влада таква каква што имаме, која што ги казнува граѓаните во оние општини каде што имаме градоначалници кои што доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Што не би требало да биде така. Но, за жал кај нас состојбата е таква. Јас се надевам т.е. убеден сум дека овој бран ќе продолжи на инвестиции, оваа офанзива ќе продолжи во периодот додека трае градежната сезона и дека ќе можат жителите на Кочани да направат разлика дека не се сите исти, и дека навистина додека овие од централната влада континуирано се поврзани со било какви сомнежи за криминали и крадења, дека во Кочани и во општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата зборуваме само за нови проекти и за градење, истакна Мицкоски.

Партиската делегација по увидот на улицата „Браќа Ставреви“ го посетија и ООУ „Никола Карев“ – Кочани и селото Тркање.

Сподели: