Младинската екипа на „Осогово“ победник на Меморијалниот турнир „Драганица Куп 2022“

Младинската екипа на ГФК „Осогово“ е победник на 16. издание на Меморијалниот младински фудбалски турнир „Драганица Куп 2022“  што се одржа денеска на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.

Покрај домаќинот и организатор  „Осогово“,  на турнирот учествуваа младинските екипи до 16 години на ФК „Детонит Јуниор“ – Радовиш, ФК „Слога Виница“ и ФК„Каменица Саса“ од Македонска Каменица.

„Жолто сините“ во финалето ја совладаа екипата на „Детонит Јуниор“ со резултат 2:0. Претходно, за да стигнат до финале, младите фудбалери на „Осогово“ беа поуспешни од  екипата на „Слога Виница“ со резултат од  3:0, додека „Детонит Јуниор““ со резултат од 5-0 ја декласираше екипата на „Каменица Саса“.

Третото место на турнирот и припадна на екипата на  „Слога Виница“ по победата над „Каменица Саса“ од 3:0.

За најдобар играч на турнирот беше прогласен Филип Јованов од „Осогово“, најдобар стрелец – Константин Василев од „Детонит Јуниор“ и најдобар голман – Александар Стоименов, од ГФК „Осогово“.

Наградите на победникот на турнирот и најдобриот играч ги врачи лично градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Меморијалниот фудбалски турнир се одржува од 2007 година во чест на една од најголемите кочански фудбалски легенди, Драган Михајлов-Драганица.

Фудбалскиот турнир се одржа под покровителство на Општина Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: