Шест волонтери од здужението „Павел Шатев“ од Кочани се вратија од десетдневниот семинар како дел од проектот на Еразмус плус програмата за младинска размена што се одржа во Киелце, Р. Полска.
Претставниците од „Павел Шатев“ за време на престојот во Полска ја претставија македонската традиција, кујна и специјалитетите, но учествуваа и во активностите што беа организирани, а се однесуваа на толеранцијата во својата држава како и искуства во областа на театарот со подготовка на своја претстава.
-Во текот на дневните активности имавме и часови од професионална актерка дипломирана на Универзитетот за театар во Москва. Тоа за нас претставуваше огромно искуство и се стекнавме со голема самодоверба, рече Јована Благонова , волонтер во Здружението „Павел Шатев“ Кочани.
Македонскиот тим беше составен од учесниците Александар Крстев, Иван Данилов, Кирчо Соколовски, Мила Велкова, Марија Симеонова и Јована Благонова кои на крајот добија и сертификати за учество во проектот.
На размената учествуваа млади лица од 17 до 30 години од Шпанија, Литванија, Естонија, Полска и Македонија.
Здружението „Павел Шатев“ преку разни проекти нуди можност на младите лица да се вклучуваат и учествуваат во младински размени во други земји, за стекнување на искуства, контакти, промовирање на својата, но и учење на нови култури.
И.Матеничарски