Локалниот клуб на СДММ-Кочани денеска во Градскиот парк организираше младинска средба со кандидатот за градоначалник, Николчо Илијев и претседателот на млади на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Марко Михаилоски.
На средбата беа презентирани сработените проекти за млади во општината како и идните проекти во кои ќе бидат вклучени младите од Кочани, со посебен акцент на младинскиот активизам и простор за младинско учество во заедницата.
Претседателот на СДММ, Михаилоски ја истакна поддршката што актуелниот градоначалник Илијев ја дава на младите во Кочани, пред се преку реализираните проекти за подобрување на условите и можностите на младите во општината, при што додаде дека Илијев е најдобриот избор за секоја млада личност во Кочани.
Кандидатот за градоначалник Николчо Илијев, во своето обраќање пред социјалдемократската младина ги потенцираше сработените проекти кои се од корист на младите во општината, особено реновирањето на Мултикултурниот центар, Домот на културата „Бели Мугри“, Трговскиот центар, Градскиот парк и формирањето на Локален младински совет, место кое ќе биде основа за развој на младински идеи.
Учесниците на средбата ги поздрави и Томе Солевски, носителот на Советничката листа на СДСМ во Кочани, кој порача дека победата во првиот круг на локалните избори е доказ дека младите ги препознаваат добрите политики на локалната власт, при што ја искористи приликата да ги повика со гласање да ја потврдат победата и во вториот круг од локалните избори.
Младинската средба на Социјалдемократската младина е во рамки на караванот „Најдоброто за младите“ на СДСМ.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов