Младинската екипа на ГФК „Осогово“ е победник на Меморијалниот младински фудбалски турнир „Драганица куп 2021“ што се одржа денеска на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.
Покрај домаќинот и организатор „Осогово“, на турнирот учествуваа младинските екипи до 16 години на ФК „Тиквеш“ – Кавадарци, ФК „Слога Виница“ и ФК„Беласица“ од Струмица.
„Жолто сините“ во финалето ја совладаа екипата на „Тиквеш“ со резултат 6:0. Претходно, за да стигнат до финале, младите фудбалери на „Осогово“ беа поуспешни од екипата на „Слога Виница“ со резултат од 3:1, додека „Тиквеш“ на пенали (6:5) ја победи екипата на „Беласица“ од Струмица.
Третото место на турнирот и припадна на екипата на „Слога Виница“ по победата над „Беласица“ од 3:0.
За најдобар играч на турнирот беше прогласен Марио Симоски, најдобар стрелец – Николче Ефремов и најдобар голман – Алекс Андов, сите од ГФК „Осогово“.
Меморијалниот фудбалски турнир се одржува од 2007 година во чест на една од најголемите кочански фудбалски легенди, Драган Михајлов-Драганица.
И. Матеничарски
Фото: „Комарец“