Младите лекари од Кочани, Стојан Лазаров и Андреј Коцев кои конкурирале на Огласот за вработување за позицијата Доктори на медицина во Општата болница со проширена дејност – Кочани обвинуваат за неправилности при изборот на кандидати кои ќе засноваат работен однос во болницата во Кочани.
На огласот објавен од кочанската Општа болница се бараа шест доктори на медицина на кој Стојан и Андреј поднеле пријава и со одлука на Комисијата за селекција, Лазаров бил третто, а Коцев шесто рангиран од вкупно десет пријавени кандидати. Но наместо нив, со Решение на директорот на болницата и спротивно на предложената ранг – листа примени биле седмо и осмо рангираните кои се со помал просек и бодови.
– Објавениот конкурс за вработување на шест доктори по медицина во Општата болница со проширена дејност – Кочани заврши со неправилности. Откако конкурирав на огласот од страна на Комисијата за селекција бев оценет по просек и поени од стручни испити и поени од англиски јазик и бев рангиран на треттото место на ранг листата. Мојот колега, Андреј Коцев беше рангиран по истите критериуми на шестото место на листата. По правило првите шестмина на ранг листата требаше да бидат примени, но заради непознати причини наместо третто и шестто рангираниот, односно јас и колегата Андреј се примаат седмо и осмо рангираните со помал просек и број на поени – истакна докторот Стојан Лазаров.
Вакво Решение за избор на кандидати донел директорот на кочанската општа болница Д-р Александар Серафимов на ден 16.12.2022 год. и во него се повикал на одлуката на Комисијата за селекција, иако Решението за прием на кандидати и Одлуката на Комисијата за селекција се разликуваат.
– Директорот на болницата, Д-р Александар Серафимов во решението за прием на лекари се повикува врз основа на ранг листата предложена од Комисијата за селекција, без основа, спротивно од предложената ранг листа не трга нас третто и шестто рангираните и без основа ги прима седмо и осмо рангираните кои имаат двоцифрен број помалку поени и просек од нас. Поради оваа неправилност ќе поднесеме жалба до Државната комисија од управна постапка и работен однос од втор степен и бараме средба со Министерот за здравство, Беќим Сали за да му укажеме на неправилностите, истакна докторот Андреј Коцев.
Интернет – порталот „Гласно“ денеска се обиде да побара став од првиот човек на кочанската Општа болница, но директорот не одговори на нашите телефонски и смс повици.
Младите доктори истакнаа дека доколку Решението не биде променето согласно предложената ранг листа од страна на Комисијата за селекција ќе поднесат кривична пријава против раководното лице на кочанската општа болница.
И. Матеничарски