Преку проект на „UPSHIFT“ програмата за социјално претприемништво, ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани се пласираа во првите пет победнички тимови и добија грант од 2000 евра кој ќе го искористат за реализација на својата претприемачка идеја.
Со добиените средства набавени се производи кои ќе бидат продавани на граѓаните, а профитот кој ќе го остварат ќе биде наменет за набавка на таблети за ранливи ученици од гимназијата „Љупчо Сантов“ – Кочани.
-Нашиот тим креираше препознатливо име, „Avemil Charity“ што претставува акроним од имињата на членовите на тимот. Настапуваме под мотото „Здравје и имиџ кон заедничка победа“. Нашиот е-шоп нуди продажба на маски и марами, модни акцесоари, чаши и термоси за ладни и топли напитоци. За оваа електронска продажба имаме креирано профил на социјалната мрежа „Инстаграм“, а ќе организираме и непосредна продажба на нашите производи, истакна Ана Арсова, учесничка во проектот.
Во проектот се вклучени учениците Ана Арсова, Ефто Трајчев, Леонид Петров, Ивона Тодорова и Михајло Штерјов под менторство на професорот по претприемништво, Виктор Атанасовски.
-Имаме за цел да купиме талбети за следење на онлајн наставата. Со тимот одлучивме да помогнеме на нашето училиште, а со тоа и на нашите соученци. Нашата идеја ја презентиравме пред комисијата од Фондот за иновации и технолошки развој и од фондот „ЦЕЕТ – Македонија“ каде заедно со уште четири тимови од други училишта од Македонија, добивме грант од 2000 евра кој е наменет за комплетна реализација на нашата претприемачка идеја – изјави Ефто Трајчев, учесник во проектот.
Преку оваа програма, младите се поттикнуваат да препознаваат предизвици од нивната блиска средина и да понудат иновативни решенија во вид на производи или услуги.
Во самиот процес на развивање на идеите, со поддршка на менторите и со примена на современи алатки, се потикнува иновативно размислување и развој на претприемнички вештини.
-Концептот на програмата е замислен учениците да развијат нови претприемачки вештини и знаења од социјално претприемништво кои ќе им послужат во нивните понатамошни професионални кариери – истакна Виктор Атанасовски, ментор на проектот.
„UPSHIFT“ е програма за социјално претприемништво развиена од страна на УНИЦЕФ, во рамките на која преку решавање на одредени социјални проблеми и предизвици им се овозможува на младите да развијат нови вештини, да научат повеќе за социјалното претприемништво и да стекнат нови пријателства.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов