Мобилни тимови на Црвен крст Кочани ќе вршат набавка на храна во рамки на одбележување на Неделата на грижа за стари лица

Мобилни тимови на Општинската организација на Црвен крст Кочани во периодот од 16-ти до 22-ри ноември ќе вршат набавка на прехрамбени производи, лекови и средства за лична хигиена на стари и изнемоштени лица, во рамки на одбележување на Неделата на грижа за стари лица.

Под мотото „Сите сме нивни деца“ 20 мобилни тимови во целата држава ќе бидат вклучени во обезбедеување на  бесплатна хуманитарна услуга, акција која се спроведува преку заедничка иницијатива со UNFPA.

– Во периодот од 16-ти до 22-ри ноември ООЦК Кочани ја одбележува Неделата на грижа на стари лица под мотото „Сите сме нивни деца“. За таа цел  со иницијатива на UNFPA  нашиот мобилен сервис за достава на храна, хигиенски средства и лекови ќе биде активен , а таргет група оваа недела ќе ни бидат старите и изнемоштени лица. Ова е национална активност која ќе се спроведува во повеќе градови во Македонија во која е вклучен и Црвен крст Кочани, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

Од Црвен крст Кочани  ги информираат сите стари и изнемоштени лица или нивни блиски да се пријават на телефонските броеви 070/360-855 или 033/ 271-015 за да бидат опслужени.

Сервисната услуга на мобилните тимови е бесплатна, а граѓаните треба да одвојат финансиски средства само за артиклите  кои ќе треба да им се набават.

Неделата на грижа за стари лица се одбележува секоја година во последната недела од месец ноември, со цел помош и пружање поддршка на старите и изнемоштени лица како една од основните програмски активности на Црвениот крст на РСМ.

И. Матеничарски

Сподели: