МОН го објави конкурсот за упис на средношколци во учебната 2020/2021 година

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис на ученици во средните училишта во Македонија за новата учебна 2020/2021 година. Во двете средни училишта во Кочани има вкупно 680 слободни места.

Во СОУ „ Гошо Викентиев“ во прва година ќе се запишат 408 ученици во дванаесет паралелки. За машинската струка има место за 170 ученика во пет паралелки, машински техничар, техничар за компјутерско управување, машински енергетски техничар и автомеханичар заварувач. Електротехничката струка расплага со места за 204 ученика во шест паралелки. Овде спаѓаат смеровите електротехника за електроника и телекомуникации, електротехничар за компјутерска техника и автоматика, електротехничар енергетичар, електро механичар и електричар.

Во сообраќајната струка е предвидена една паралелка за 34 ученика во смерот техничар за транспорт и шпедиција.

Во кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ во прва година ќе се запишат 272 ученика во осум паралелки. Во гимназиско образование слободни се вкупно 136 места во четири паралелки , а исто толку слободни места предвидени се и во економската, правна и трговска струка.

Првиот уписен рок е на 16 и 17 јуни 2020 година, а ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 18 јуни 2020.

И.Матеничарски

Сподели: