Членови на Мото клубот „Желки“ од Кочани денеска ја релизираа планираната хуманитарна акција наменета за Општата болница со проширена дејност – Кочани.
На Детското одделение при кочанската Општа болница, претставници на мото клубот донираа перници и инхалатори за потребите на одделението.
– Мото клубот „Желки“ од Кочани во соработка со „Греен-орг“ донираа перници и инхалатори за Детското одделение при кочанската Општа болница. Се надеваме дека оваа донација ќе биде поттик за другите организации и сограѓани да донираат и да покажат општествена одговорност. Оваа донација е обезбедена од нашите лични средства. Мото клубот „Желки“ е клуб кој постои две години, ова е наша прва донација, но не и последна и во иднина продолжуваме да даваме поддршка на оние на кои им е најпотребна, истакна Драган Митев, секретар на Мото клубот „Желки“ од Кочани.
Мото клубот „Желки“ од Кочани е единствен регистриран мото клуб на подрачјето на Кочани, кој брои 18 членови и е дел од Моторциклистичката федерација на Македонија. Членови на мото клубот досега имаат учествувано на повеќе домашни и меѓународни мото настани, а клубот беше домаќини и на Мото дефилето „Макдонија независност“ што се одржа минатата година, во месец септември.
И. Матеничарски