Мултикултурниот центар во Кочани влегува во завршна фаза на реконструкција

Градежните работи околу реконструкцијата на Мултикултурниот центар во Кочани влегуваат  во завршна фаза.

Изведувачот на работите моментално работи на уредување на подрумските простории, со што ќе се заокружи последната фаза предвидена со проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ финансиран од ЕУ, во рамки на програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.

Претходно, во рамки на проектот, целосно беше заменета кровната конструкција на објектот, нова термо фасада, тоалети и ПВЦ-столарија, нови подови како и комплетна замена на водоводна, канализациона и електрична мрежа, сигурносна и видео опрема како и инсталација на противпожарна и громобранска инсталација.

Во меѓувреме, со средства од буџетот на Општина Кочани ќе се инсталира систем за ладење и греење, ревитализација на постоечките столици во  кино салата како и набавка на мебел.

-Бидејки во делот на проектот не беше предвиден систем за  ладење и греење ние веќе изработивме порект, а во текот на оваа недела ќе објавиме и јавна набавка за истиот. Исто така, распишавме и јавна набавка за тапацирање на постоечките столици како и набавка на мебел за канцелариите. Очекувам дека во почетокот на наредната година свечено ќе го отвориме Мултикултурниот центар и ќе го ставиме во функција на граѓаните, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Мултикултурниот центар во Кочани во иднина ќе служи за одржување на култруни настани од помал обем како и  за младински активизам и функционирање на невладините и граѓански организации од општината.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial