Набавена компјутерска и ИТ опрема во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани

ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани деновиве набави компјутерска и ИТ опрема за потребите на училиштето со цел непречено одвивање на наставата од далечина.

Станува збор за набавка со која се обезбедени 45 таблети, 17 лап топ компјутери, 15 персонални компјутери, 5 електронски интерактивни табли и 4 мултифункционални принтери, обезбедени со средства од училиштето и донации од општествено одговорни компании и граѓани од општината.

-ООУ„Св. Кирил и Методиј“ ја заврши постапката за набавка на информатичка опрема за подобрување на материјално-техничките услови за работа во училиштето и подбрување на квалитетот на онлајн наставата.  Набавивме седумдесетина парчиња на информатичка опрема која во следниот период ќе се користи исклучиво за нормално одвивање на онлајн наставата во училиштето, истакна Даниел Кралев, директор на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани.

Претходно, училиштето од сопствени средства и со помош на донации набави таблет компјутери за учениците кои немаа технички можности за квалитетно следење на онлајн наставата.

Со двете набавки на компјутерска опрема за учениците и наставниците надминати се проблемите во делот на непреченото одвивање на наставата од далечина.

 Освен во централното училиште, од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ информираа дека во моментот се работи на проект преку Министерството за образование и наука за промена на начинот на загревање на подрачното училиште во селото Горни Подлог.

Се планира инсталирање на централно греење на училишната зграда со нафта, наместо моменталното загревање со огревно дрво.

Поради ова, училиштето во текот на денешниот ден ќе биде посетено од претставници на Министерството за образование со цел запознавање со состојбата и можноста за реализација на проектот во подрачното училиште во Горни Подлог.

И. Матеничарки

Фото: А. Арсов

Сподели: