Во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани набавена опрема за 3Д виртуелна реалност во наставата

Во рамки на Еразмус +  проектот „ Имплементација на образовни методи базирани на виртуелна реалност во средните училишта“, СОУ „Љупчо Сантов“ набави едукативна опрема за 3Д виртуелна реалност.

Станува збор за 10 уреди 3Д опрема (виртуелни очила со бежична технологија) и телевизор кои ќе се користат во текот на наставата, особено  по предметите од природните науки како физика, хемија и биологија.

Учениците ќе решаваат виртуелни задачи во т.н виртуелна училница, што пак има за цел на еден креативен, возбудлив и привлечен метод да се мотивираат учениците да го научат наставниот материјал презентиран на часот.

– Со набавената опрема ќе се  овозможи иновативен пристап кој ќе води до подобрување на наставата и образовниот процес.Користење на виртуелната реалност и  едукативни содржини се достапни и бесплатни на интернет. Покрај ова, ќе биде развиен и имплементира специјализиран едукативен виртуелен софтвер кој ќе се заснова на добро познатиот концепт „escape room”. Концептот „escape room” предвидува решавање на предизвици/задачи од различни наставни предмети чии решенија водат кон нови задачи се до откривањето на излезот од виртуелната соба, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Христов додаде дека дека главната идеја на овој проект е да се креираат и имплементираат иновативни- педагошки и наставни методи кои ќе бидат базирани на дигитални технологии. 

Целта на проектот е да се охрабрат и обучат наставниците и учениците да соработуваат и да ја користат најновата технологија на креативен и ефективен начин.

Виртуелната реалност ќе биде голем предизвик за наставниците како да ги мотивираат учениците да го научат материјалот презентиран на час, а притоа учењето да биде на еден креативен, возбудлив и привлечен метод кој е во склад со ерата на дигитализацијата.

Исто така,  наскоро се очекува да пристигнат и 10 уреди виртуелна опрема која овозможува користење на мобилни телефони за следење на едукативни содржини креирани во виртуелна реалност.

Проектот за виртуелна реалност се спроведува преку Еразмус + програмата во соработка со училишта од општините Лудбрег – Хрватска, Кочани – Македонија, Лимасол – Кипар и  Пазарџик – Бугарија.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Што претставува виртуелната реалност?
Сподели: