Награда од публиката за монодрамата „Ченто“ на Доне Донев на фестивалот „Актер на Европа 2020“

Професорот, публицист и актер Доне Донев е добитник на „Награда од публиката“ за монодрамата „Ченто“, на  18-тото издание на Интеранционалниот театарски фестивал „Актер на Европа 2020“ што минатиот викенд се одржа во Ресен.

-Наградата од публиката на Меѓународниот фестивал „Актер на Европа 2020“ ми е една од најдрагите. Публиката е таа која одлучува и доколку вистински им се допадне настапот ве наградува, истакна  актерот Доне Донев.

Донев  има напишано пет монодрами меѓу кои „Јас сакам да станам поет“ (за Ацо Караманов), „Гемиџијата“ (за најмладиот гемиџија Милан Арсов), „Меѓникот“ (за Крсте Петков Мисирков), „Цар Самуил“, „Да се убие себе во себе“ (за Методија Андонов-Ченто). Истите самиот ги режирал и одиграл над 400 пати, пред повеќе од 40 000 гледачи.  

Доне Донев е еден од ретките, ако не и единствениот којшто двапати ја добил Седмосептемвриската награда на град Кочани од областа на образованието, а добитник е и на Шестоноемвриската награда на град Радовиш.

Главната награда „Актер на Европа 2020“ и припадна на Виола Грациоза од Италија за најдобро актерско остварување.

Фестивалот „Актер на Европа“ традиционално започна да се одржува од летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

Фестивалот е во организација на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“.

Сподели: