Надлежните во длабок сон – улицата „Страшо Ербапче“ сериозна закана за безбедноста на возачите и пешаците

Се уште се свежи трагите од сообраќајната нереќа што се случи вчера на улицата  „Страшо Ербапче“ во која три лица беа повредени при судир на четири автомобили.

Улицата „Страшо Ербапче“, особено во делот кај Општата болница е една од најнебезбедните сообраќајници во градот и за возачите и за пешаците. Брзото возење, непочитувањето на сообраќајните правила, паркираните возила на улицата до неколкуте продажни објекти и ниската сообраќајна свест на возачите се едни од најголемите причини за загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Граѓани до интернет-порталот „Гласно“ реагираат дека локалната самоуправа на Кочани и Полициската станица час поскоро треба да постават т.н „легнати полицајци“ заради забавување на брзината на движење на возилата, како и почеста контрола на сообраќајната полиција во делот на непрописно паркираните возила пред продажните објекти. Токму поради тоа што една од можните причини за вчерашната сообраќајка се паркираните возила и непочитувањето на брзината на движење на улицата.

Пред еден месец на истата улица несовесен возач на пешачки премин удри во 12 – годишна малолетничка и побегна, а полицијата се уште трага по истиот. Неколку месеци пред тоа, велосипедист се здоби со тешки повреди откако на крстосницата подолу во него удри автомобил.

За помалку од четири месеци на улицата „Страшо Ербапче“  се случија три потешки незгоди со сериозни повреди на учесниците. Последните случувања нека бидат  и последно предупредување до локалната самоуправа, што е можно побрзо да постават „легнати полицајци“  за забавување на брзината, а сообраќајната полиција почесто да контролира и санкционира непрописно паркирани возила пред влезот на Општата болница, за да не дојде до ситуација да настрада човечки живот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: