Над 30 интервенции на кочанските пожарникари за време на невремето – се санираат штетите од обилните врнежи

Преку 30 интервенции во рок од 6 часа извршиле пожарникарите од Територијалната противпожарна единица – Кочани за време и по вчерашното невреме проследено со обилни врнежи од дожд што го зафати градот Кочани.

Најголем дел од интервенциите биле за испумпување на вода од поплавени подрумски простории на улиците „Роза Петрова“, „Иво Лола Рибар“ и „8 – ми Март“, а интервенирано е и на расчистување на паднати дрвја на неколку улици во градот.

– Вчеравечер во периодот од 21:30 ч. до 03 ч. по полноќ имавме преку 30 интервенции предизвикани од поројниот дожд и невремето што го зафати Кочани.  Од утрово наши екипи повторно се на терен и интервенираат во испумување на вода од објекти и институции.  Интервенциите беа од технички карактер, испмпување на вода од поплавени подрумски простории од објекти за домување, расчистување на паднати дрвја на неколку локации во градот и интервенции на искрење на електрично броило и паднат електричен столб, истакна Драган Апостолов – командир на ТППЕ – Кочани.

Најкритично било на улицата „Иво Лола Рибар“ кај основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ каде поплавени се подрумски простории, а вода навлегло и во училиштето. Седум интервенции имало и на улицата „Роза Петрова“, а четири на „8 – ми Март“. Вода навлегло и во фабриката „Амфенол Технолоџи Македонија“ и други компании и фирми.

Вчеравечер на терен била мобилизирана целата Територијална противпожарна единица со сите расположливи ресурси, доброволците од Доброволното противпожарно друштво, Дирекцијата за заштита и спаување, а на помош на пожарникарите повикана била екипа од штипската пожарна.

И. Матеничарски

Сподели: