Над 350 планинари ги искачија врвовите Туртел и Црквиште на Плачковица по повод Меѓународниот ден на планината

Над 350 планинари, рекреативци и вљубеници во природата зедоа учество на планинарскиот марш „Плачковица 2023 год.“ што во организација на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и техничка организација на Друштвото за планинарски спортови „Лисец“ – Штип се реализираше до врвот Туртел (1607 м.н.в) и Црквиште (1693 м.н.в) на Плачковица.

Планинарската акција се реализираше во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на планината, 11 декември. Маршот започна од м.в Билборди во подножјето на Плачковица на кружна патека во дожина од 14 километри, од лесна категорија, а планинарите ја поминаа за помалку од 4 часа. Акцијата се изведе во зимски услови при што беше искачен врвот Туртел (1607 м.н.в), а попатно планинарите го искачија и врвот Црквиште (1693 м.н.в) како и посета на црквата „Св. Спиридон“ на планината Плачковица.

На враќање, по завршување на планинарскиот марш беше организирана заедничка планинарска дружба во Планинарскиот дом „Вртешка“ каде домаќините обезбедија ручек и топли напитоци за учениците на маршот.

Приликата беше искористена да се доделат признанија и благодарници на истакнати планинари од Македонија. По тој повод Федерацијата на планинарски спортови на Македонија додели две признанија за животно дело „Даре Џамбаз“ на планинарите Мијалчо Божинов и  Реџеп Абдиу.  Благодарница беше доделена и на ЗПСК „Кожуф“ – Гевгелија за реализација на инклузивни планинарски маршеви.

За особен придонес во афирмација на планинарството признание доби и Тошо Антов, од ПСК – Осогово – Кочани. Беа доделени и признанија на истакнати планинари за постигнати исклучителни резултати во 2023 год.

На маршот освен планинарски клубови од Македонија учествуваа и клубови од Р. Србија и останатите соседни држави.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: