Седум пациенти заразени со корона вирус се на лекување во Ковид одделението на кочанската општа болница, сите со полесна клиничка слика, а само двaјца се на кислородна поддршка, информираше за интернет-порталот „Гласно“, директорот на болницата во Кочани, Александар Серафимов.
Според последните податоци од Министерството за здравство во Кочани активни се 103 случаи на заразени со Ковид , а во последните недели забележан е благ пад на дневно позитивни случаи.
-Забележиво е намалување на хоспитализација на пациенти со ковид во болницата во Кочани. Само денеска отпусна листа добија 20 пациенти, со што бројката на хоспитализирани на Ковид одделението е 7 лица кои се со полесна клиничка слика.Во моментот имаме слободни болнички капацитети, а доколку се јави потреба ќе се обезбедат и дополнителни легла, соопшти директорот на кочанската болница, Александар Серафимов.
Пациентите во моментот се сместени на дел од Интерното одделение кое е пренаменето во Ковид одделение. Директорот Серафимов информираше дека вакцинацијата на населението тече нормално и со задоволувачки интензитет. Во моментот на располагање се вакцини од производителот „Фајзер“, „Синовак“ и „Астра Зенека“.
„Во Кочани досега целосно вакцинирани се околу 16 илјади граѓани, што е задоволувачки. Последните денови е забележан помал обем на заинтересирани за вакцинација, додека ревакцинацијата си тече нормално. Најголем дел од вакцинираните се лица од средна возраст и повозрасно население, додека интересот кај младите е мал“, додаде Серафимов.
Од Одделението за внатрешни работи – Кочани информираат дека на дневна основа се контролираат 103 лица со решение за самоизолација.
„Полициски службеници на дневна основа ги контролираат граѓаните кои се под здравствен надзор и се во самоизлоација. Ретки се случаите на прекршување на мерката за самоизолација од страна на граѓаните, а доколку ги има, полициските службеници постапуваат согласно предвидените законски прописи“, истакна Александар Максимов, началник на ОВР-Кочани.
Во вчерашниот, последен извештај на Министерството за здравство во Кочани регистрирани се 2 нови случаи на заразени со Ковид, а оздравени се 6 лица.
И. Матеничарски